Голем хаос во авиосообраќајот се очекува во Белгија во понеделник, 23 ноември, кога поради национален штрајк ќе бидат откажани речиси сите редовни летови. Илјадници патници би можеле да останат без планираните патувања.
Причината е приклучувањето на контролорите на летање кон националниот протест против мерките за штедење што ги најавува белгиската влада.
Белгиската компанија за контрола на воздушниот сообраќај „Скиес“ соопштила дека во понеделник, од 7 до 21 часот, нема да може да обезбедува редовни услуги за контрола на летањето.
Поради недостиг од персонал, нормалното одвивање на воздушниот сообраќај нема да биде возможно, додека минимални услуги ќе бидат обезбедени само за итни случаи и летови од особено безбедносно значење.
Најголемиот белгиски аеродром во Брисел најавил откажување на поголемиот дел од пристигнувањата и заминувањата.
Уште посериозна состојба се очекува на аеродромот Шарлроа, кој е значаен центар за нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“.
Раководството на Шарлроа најавило целосен прекин на воздушниот сообраќај во понеделник, предупредувајќи дека последиците од штрајкот ќе бидат катастрофални.
Од аеродромот изразиле незадоволство поради доцното известување за приклучувањето на контролорите на летање кон протестот.
На патниците им се препорачува задолжително да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпанијата пред да тргнат кон аеродром.
Штрајкот е дел од пошироките протести против плановите на владата на премиерот Барт де Вевер за намалување на државните трошоци.
Белгиската влада планира заштеди од околу 10 милијарди евра во следните неколку години, со цел намалување на буџетскиот дефицит.
Во меѓувреме, премиерот се соочува со тешки преговори со коалициските партнери околу новиот буџет.
Политичката криза дополнително се продлабочила откако Де Вевер претходно понудил оставка, но белгискиот крал Филип не ја прифатил и му дал дополнително време за преговори.
Прекините во авиосообраќајот би можеле да погодат и патници од други европски земји, особено оние што имаат летови или преседнувања преку белгиските аеродроми.







