Хакери успеале да го прекинат сателитското емитување на иранската државна телевизија, при што во програмата биле објавени две видео-пораки од престолонаследникот Реза Пахлави, кој со години живее во егзил. Инцидентот предизвика силен одек во јавноста и дополнително ги засили веќе високите политички и безбедносни тензии во земјата.
Во една од пораките, емитувана за време на упадот, Пахлави директно им се обраќа на иранската армија и безбедносните сили, повикувајќи ги да не дејствуваат против сопствениот народ.
– Ова е порака до армијата и безбедносните сили. Не го вперувајте оружјето во народот. Придружете ѝ се на нацијата за слобода на Иран – стоеше во пораката што ја објавиле хакерите.
Во втората снимка, пораката била уште подиректна и поостра. Пахлави нагласува дека армијата не смее да биде алатка на владејачкиот режим.
– Вие сте национална армија на Иран, а не војска на Исламската Република. Имате должност да ги штитите сопствените животи. Не ви остана уште многу време. Придружете му се на народот што е можно побрзо – се слуша во пораката.
Според организациите за човекови права, во текот на протестите во Иран досега се убиени најмалку 3.219 лица, бројка што постојано расте и дополнително ја вжештува ситуацијата во земјата.
Тензиите меѓу САД и Иран остануваат исклучително високи, особено по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предупреди дека САД би можеле да преземат воена интервенција доколку иранските власти не престанат со убиствата на демонстранти и егзекуциите на приведените учесници во протестите.
Реза Пахлави е син на последниот ирански шах, Мохамад Реза Пахлави, кој ја напушти земјата пред Исламската револуција во 1979 година. Престолонаследникот од егзил јавно ги поддржа демонстрантите на 8 јануари, кога протестите, кои првично започнаа поради тешката економска состојба, брзо прераснаа во масовни антивладини протести со барање за промена на режимот.

















