Брзата железничка врска меѓу Мадрид и Андалузија ќе остане надвор од функција најмалку до петок, откако сериозен инцидент што се случи синоќа го парализираше еден од најважните транспортни коридори во Шпанија. Информацијата ја потврди шпанското Министерство за транспорт, наведувајќи дека безбедносните проверки и санацијата сè уште се во тек.
Само во текот на денешниот ден, прекинот предизвика масовни откажувања и доцнења, при што над 200 возови на различни линии не сообраќаа според редовниот распоред. Државната новинска агенција ЕФЕ пренесува дека проблемите се прошириле низ целата железничка мрежа, создавајќи дополнителен притисок врз патниот и воздушниот сообраќај.
Најкритична беше состојбата на главната железничка станица во Мадрид – Пуерта де Аточа–Алмудена Грандес, каде илјадници патници останаа заглавени. Пред канцелариите на Ренфе, државната железничка компанија, се формираа долги редици од луѓе кои бараа информации, замена на билети или поврат на средства.
Многумина од патниците изразија револт поради недостигот од навремени известувања и алтернативни решенија, додека дел беа принудени да ги променат своите патувачки планови во последен момент.
Надлежните служби уверуваат дека безбедноста е приоритет и дека линијата нема да биде повторно пуштена во сообраќај сè додека не се отстранат сите ризици. Дотогаш, патниците се повикуваат да ја следат официјалната комуникација и да размислат за алтернативни начини на превоз.
















