
Натпреварот кој требаше да донесе славје за Сенегал се претвори во хаос што може да ја остави селекцијата без трофејот од Африканскиот куп на нации! Сенегал ја освои титулата со 1-0 против Мароко, но фудбалската драма се случи на крајот – играчите делумно или целосно го напуштија теренот кога судијата досуди пенал за Мароко.
Сега, фудбалскиот сојуз на Мароко најави дека ќе поднесе жалба и ќе бара службена победа, повикувајќи се на правилата на турнирот: ако екипа го напушти теренот без одобрение од судијата, таа се смета за дисквалификувана.
Од Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ) веќе порачаа дека случајот ќе биде предаден на дисциплинската комисија, а Сенегал може да се соочи со сериозни казни за однесувањето на играчите, службените лица и навивачите.
„Доколку се потврди прекршувањето, титулата на Сенегал може да биде одземена“, велат извори блиски до ЦАФ. Навивачите и експертите се во неверување – еден финален меч што требаше да биде прослава за фудбалската доминација на Сенегал сега е опасно близу до катастрофа.
Случајот ја враќа на сцена дилемата за дисциплина и фер-плеј на најголемиот турнир во Африка, а сите очи сега се вперени во ЦАФ. Дали Сенегал ќе го задржи трофејот или ќе се соочи со срамот на одземање на титулата – решението ќе ја одреди историјата на турнирот.

















