Американскиот претседател Доналд Трамп упати официјална покана до Европската комисија да се приклучи на новоформираниот „Комитет за мир“ за Газа – иницијатива која веќе предизвикува бурни реакции на меѓународната сцена. Веста ја објавија светските агенции, а од Брисел потврдија дека поканата е доставена до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Портпаролот на Комисијата, Олоф Гил, изјави дека Фон дер Лајен ќе ја разгледа поканата во консултација со лидерите на Европската Унија. Засега нема одлука дали ЕУ ќе се приклучи, но од Комисијата нагласуваат дека постои интерес да се даде придонес во поширок план за запирање на конфликтот во Газа.
Во исто време, од Москва пристигна потврда дека Трамп испратил покана и до рускиот претседател Владимир Путин. Кремљ соопшти дека понудата е примена по дипломатски пат и дека Русија ќе стапи во контакт со САД за дополнителни појаснувања околу улогата и структурата на телото.
Според најавите, „Комитетот за мир“ би бил составен од светски лидери и би функционирал како надзорен механизам за состојбите во Газа, со Трамп како претседавач. Планот предвидува телото подоцна да се занимава и со други глобални конфликти.
Сепак, иницијативата наиде на остри критики од Израел. Министерот за финансии Безалел Смотрич повика на целосно укинување на Комитетот, оценувајќи го планот како штетен за израелските интереси. Израелската влада соопшти дека формирањето на телото не било договорено со Тел Авив и дека е спротивно на нејзината официјална политика.
















