ПРВ.мк
Свет

„Хаг се огласи пред погребот на Ратко Младиќ: Телото моравме да го предадеме, но испратија јасна порака“

„Хаг се огласи пред погребот на Ратко Младиќ: Телото моравме да го предадеме, но испратија јасна порака“

Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови одговори на барањето на Институтот за истражување на злосторства против човештвото и меѓународното право при Универзитетот во Сараево, во врска со предавањето на посмртните останки на Ратко Младиќ и најавените државни и воени почести во Србија.

Одговорот го испратил секретарот на Механизмот, Абубакар М. Тамбаду, кој нагласил дека институцијата ја разбира чувствителноста на прашањето и загриженоста дека посмртните останки би можеле да бидат користени за политички цели.

Сепак, од Хаг објаснуваат дека биле обврзани да постапат согласно меѓународното право и стандардите за човекови права.

Според нив, телото на починат затвореник треба да му биде предадено на неговото семејство во најкус разумен рок. Токму врз таа основа била донесена и одлуката посмртните останки на Младиќ да му бидат предадени на семејството.

Хаг: Ја осудуваме глорификацијата на осудените за воени злосторства

Посебно внимание во одговорот е посветено на жртвите и на можноста погребот да прерасне во глорификација.

Повикувајќи се на ставот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, од Механизмот изразиле солидарност со жртвите, преживеаните и нивните семејства.

Истовремено, била осудена глорификацијата на лица кои меѓународните судови ги осудиле за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Од Механизмот посочиле и дека, откако телото ќе му биде предадено на семејството, институцијата нема надлежност да одлучува каде ќе биде погребано или што понатаму ќе се случува со посмртните останки.

Од Институтот во Сараево, пак, нагласуваат дека токму тука ја гледаат клучната разлика – меѓу правото на семејството да го погреба починатиот и евентуалното организирање државен и воен церемонијал во негова чест.

Институтот најави дека ќе продолжи да инсистира на почитување на правосилно утврдените факти, достоинството на жртвите и институционално дистанцирање од негирање, релативизирање или глорификација на воени злосторства и нивните правосилно осудени сторители.