Тензиите меѓу Техеран и Вашингтон нагло се зголемуваат, откако Иранската револуционерна гарда упати отворени и жестоки закани до американскиот претседател Доналд Трамп. Реакцијата доаѓа по неговите изјави дека САД би можеле да интервенираат во Иран доколку властите започнат масовно да убиваат демонстранти.
Во соопштение објавено преку полуслужбената агенција Tasnim, блиска до гардата, протестите во Иран се опишуваат како „продолжение на 12-дневната војна“, со директни обвинувања дека зад немирите стојат странски сили. Трамп е наречен „кловн и криминалец“, а САД се обвинуваат за поттикнување насилство и „модерен тероризам“ во земјата.
„Наместо да одговори пред светската јавност за своето мешање во внатрешните работи на Иран, тој го навреди благородниот и херојски ирански народ. Треба да очекува остар и решителен одговор“, се наведува во пораката на гардата.
Исламската револуционерна гарда е елитна воена формација која директно му одговара на врховниот лидер на Иран и има клучна улога во безбедносниот и политичкиот систем на државата, што ги прави овие закани особено сериозни.
Трамп, од друга страна, во петокот изјави дека САД ќе возвратат „многу силно“ доколку иранските власти започнат масовна репресија врз демонстрантите.
Според организацијата HRANA, од почетокот на протестите загинале најмалку 538 лица, од кои 490 се демонстранти, а околу 10.000 луѓе се уапсени. Со ваквата реторика и бројот на жртви што расте, Иран сè повеќе се доближува до точка од која враќање нема.
















