ПРВ.мк
Свет

Ќе делел бесплатно пиво кога ќе умре Трамп – сега му ја одзедоа лиценцата

Ќе делел бесплатно пиво кога ќе умре Трамп – сега му ја одзедоа лиценцата

Властите во американската сојузна држава Висконсин донеле одлука да ѝ ја одземат лиценцата за производство и дистрибуција на алкохол на пиварницата „Minocqua Brewing Company“, чиј сопственик Кирк Бангстад е познат по своите политички ставови и контроверзни објави на социјалните мрежи.

Според американските медиуми, одлуката на Министерството за финансии треба да стапи во сила на 4 август, но компанијата има право да поднесе жалба. Додека трае жалбената постапка, пиварницата ќе може да продолжи со работа.

Надлежните институции соопштија дека лиценцата е одземена поради наводни прекршувања на прописите поврзани со транспортот и оданочувањето на алкохолни пијалаци. Како еден од случаите се наведува заплената на пиво во јуни, кога, според властите, не биле исполнети законските обврски за транспорт и даночни процедури.

Бангстад ги негира обвинувањата и тврди дека одлуката е неоправдана. Тој најави дека ќе ја оспори пред суд и порача дека ќе се бори за да ја зачува својата компанија.

Пиварницата претходно предизвика бурни реакции во јавноста поради политички објави на социјалните мрежи, меѓу кои и објава во која се алудираше дека ќе се дели бесплатно пиво по смртта на Доналд Трамп. Објавата предизвика бројни критики, но властите официјално соопштија дека одлуката за одземање на лиценцата е поврзана со утврдени регулаторни прекршувања, а не со политичките ставови на сопственикот.

Конечната судбина на пиварницата ќе зависи од исходот на жалбената постапка што следува.