ПРВ.мк
Свет

„Ќе биде кул да убиеш некого“: Пораките што го испратија тинејџерот пред суд

„Ќе биде кул да убиеш некого“: Пораките што го испратија тинејџерот пред суд

Британски суд го прогласи 19-годишниот Норвежанец Јоханес Конгснес Натланд за виновен за заговор за убиство, откако утврдил дека отпатувал во Велика Британија со намера да изврши ликвидација по нарачка на меѓународна криминална организација.

Според обвинителството, Натланд се согласил да изврши убиство за 25.000 евра, а само два дена по неговото пристигнување во Англија бил уапсен во хотел во Хадерсфилд. При полициската акција биле пронајдени два пиштоли и муниција, скриени во неговата соба.

По повеќечасовно советување, поротата во судот „Олд Бејли“ го прогласила за виновен. Изрекувањето на казната е закажано за октомври, а до тогаш тој останува во притвор.

Во текот на судењето било кажано дека Натланд бил регрутиран од шведската криминална мрежа „Фокстрот“, која, според британските власти, е поврзана со меѓународни криминални активности. Обвинителството тврдеше дека тој бил целосно свесен за задачата што му била доверена.

Меѓу доказите беа и пораки што ги испраќал до својата девојка, во кои пишувал дека оди на „опасна мисија“ и дека ќе мора да прослават ако не биде уапсен. По апсењето, според обвинителите, се обидел да ја убеди да не сведочи против него.

Одбраната тврдеше дека младиот Норвежанец првично мислел дека станува збор за шега или измама, а кога сфатил во што се впуштил, наводно размислувал самиот да се повреди за да избегне да го изврши нападот. Тој пред судот изјавил дека никогаш не се сметал за платен убиец и дека бил преплашен.

Судот слушнал и детали од неговото минато. Натланд бил талентиран фудбалер, но уште како тинејџер почнал да користи дрога. Во дом за згрижување стапил во контакт со лица поврзани со криминалната мрежа, преку кои подоцна бил регрутиран за извршување на задачата.

Истрагата покажала дека по пристигнувањето во Англија подигнал готовина, презел оружје и украден автомобил со лажни регистарски таблички, пред да биде уапсен следното утро.

Според британските власти, со него комуницирал лице познато под прекарот „Агент 47“, чиј идентитет сè уште не е утврден. Истрагата за можните организатори и поврзаноста со криминалната мрежа продолжува.