Најмалку 129 лица загинаа во катастрофалните поплави што го зафатија ридскиот дел на американската сојузна држава Тексас, објавија локалните власти. Најпогоден е округот Кер, каде што се потврдени 103 жртви, меѓу кои и 36 деца, според информациите на ABC News.
Со оглед на размерите на трагедијата, американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во најтешко погодените подрачја. Веднаш на терен беше распоредена Федералната агенција за управување со вонредни ситуации (FEMA), додека спасувачките тимови продолжуваат да трагаат по исчезнатите.
Според последните податоци, 166 лица се водат како исчезнати, а властите стравуваат дека бројот на загинати ќе продолжи да расте. Метеоролозите предупредуваат на нови врнежи во наредните денови, што дополнително може да ја отежни работата на службите за итна интервенција.
Претседателот Трамп и првата дама Меланија Трамп лично го посетија погодениот регион. Во своето обраќање од градот Кервил, Трамп рече дека „никогаш досега не видел нешто слично“, и упати благодарност до спасувачките тимови и локалното население за нивната „неверојатна посветеност“.
„Тие се вистински херои и хероини“, изјави Трамп пред медиумите, пренесе CNN.
Претседателот се сретна со семејства кои ги загубиле своите најблиски, вклучително и родителите на загинатите деца во кампот Мистик, каде што се случила една од најголемите трагедии.
Трамп изрази длабоко сочувство до сите погодени и истакна дека државата ќе остане покрај нив во секој чекор од процесот на опоравување.