Сирените за опасност денеска се слушаа низ Германија, особено во Баварија и на подрачјето на Северна Рајна-Вестфалија. Србин кој живее во Диселдорф испратил снимка каде јасно се слушаат сирените.
Според неговите зборови, сирените звучеле цела минута, но причината не била реална опасност, туку се одбележува Државниот ден на предупредување.
Имено, министерството за внатрешни работи на Баварија го тестирало својот систем за известување за итни случаи преку пробен аларм. Но, не само што се огласиле сирените, туку граѓаните во 11 часот по локално време добиле и пораки на мобилните телефони.
Пораките стигнувале на многу паметни телефони, преку познатите апликации за предупредување (Nina, Katwarn, Bivap) или како директна текстуална порака на екранот на телефонот, често проследена со силен тон.
Апликациите испраќаат push известувања или СМС-пораки на сите телефони кои се вклучени и поврзани на мрежата. Граѓаните биле известени дека во 11:30 ќе добијат пораки за безбедносниот статус.
Целта на оваа акција е подигање на јавната свест за итни ситуации и тестирање на технологијата и процедурите.
Сирените се огласувале повеќе пати Прво, се слушнал непрекинат тон од една минута, што во итни случаи сигнализира дека сè е во ред. По кратка пауза, сирената се огласила повторно од 11:06 часот, што во итни случаи означува предупредување за опасност. На крајот, по петминутна пауза, се слушнал непрекинат тон од една минута кој сигнализира дека сè е во ред.
„Денеска се одбележува денот на предупредување и сите сирени започнаа да завијуваат, дури и мојот телефон – уште малку ќе добиев срцев удар“, напишала една корисничка на социјалната мрежа „X“.
Сирените се тестираат секоја година, а новина оваа година е испраќањето порака „сè е во ред“ директно на мобилните телефони. Досега испраќале само предупредувачки пораки.
Што да направите ако сирената се огласи надвор од Денот на предупредување Ако таков аларм се случи надвор од националниот ден на предупредување, граѓаните треба да се засолнат во затворен простор, да ги затворат прозорците и вратите, да го вклучат радиото и да ги следат известувањата, како и да ги проверат официјалните апликации за предупредување.
Државата Северна Рајна-Вестфалија исто така препорачува да се подготви комплет за итни случаи со седум основни предмети.
Следниот Национален ден на предупредување низ Германија ќе се одржи на 10 септември 2026 година.


















