Јапонија првпат по февруарските американско-израелски напади врз Иран ќе увезе сурова нафта произведена во Русија, објавија светските медиуми повикувајќи се на јапонски функционер.
Пратката потекнува од проектот „Сахалин-2“ на рускиот Далечен Исток, а ја купила јапонската компанија „Таиџо оил“. Според агенцијата Кјодо, танкерот испловил кон крајот на април и се очекува да пристигне во префектурата Ехиме во западна Јапонија.
Овој потег доаѓа во период кога Јапонија се обидува да ги диверзифицира изворите на енергија, поради нарушувањата на глобалниот пазар и нестабилноста околу Ормускиот теснец.
Јапонија е силно зависна од увоз на енергенси од Блискиот Исток, па секое нарушување во регионот веднаш ја зголемува потребата од алтернативни извори.
Проектот „Сахалин-2“ го води рускиот Газпром, а во него учествуваат и јапонските компании Мицубиши и Мицуи. Според јапонските власти, оваа испорака не е предмет на санкциите воведени против Русија по војната во Украина.







