ПРВ.мк
Свет

Изгласана е новата карта на светот

Изгласана е новата карта на светот

Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство усвои резолуција со која се поттикнува користење светски карти што попрецизно ја прикажуваат вистинската релативна големина на континентите. За резолуцијата гласаа 164 држави, шест беа воздржани, а единствениот глас против дојде од Соединетите Американски Држави.

Иницијативата ја предводеше Того во име на Африканската унија, а во фокусот е картографската проекција „Equal Earth“, создадена во 2018 година. Таа ги зачувува површинските пропорции на копнените маси многу подобро од традиционалната Меркаторова проекција.

Меркаторовата проекција е создадена во 1569 година и има голема практична вредност за навигацијата, но значително ги зголемува областите што се поблиску до половите. Така, на познатата карта Гренланд визуелно изгледа приближно колку Африка, иако Африка во реалноста е околу 14 пати поголема.

Токму поради тоа африканските држави со години бараат промена на начинот на кој светот се претставува во училиштата, медиумите и институциите.

„Праведен свет започнува со праведна карта“, порача министерот за надворешни работи на Того, Роберт Дуси, кој ја предводи иницијативата.

Важно е, сепак, дека резолуцијата не значи дека од утре постои една задолжителна „нова карта на светот“. Одлуката не е правно обврзувачка, туку ги охрабрува државите, образовните институции, меѓународните организации и технолошките компании постепено да користат проекции што пореално ги прикажуваат големините на континентите. Меркаторовата проекција и понатаму останува корисна за поморска и воздушна навигација.

Того веќе најави дека планира да ги промени картите во своите училишни материјали до крајот на годината и ќе разговара со други влади, организации и технолошки компании за поширока примена на новиот пристап.

САД беа единствената држава што гласаше против резолуцијата, оценувајќи дека иницијативата промовира „идеолошка агенда“ и го одвлекува вниманието од поважни глобални проблеми.