Соединетите Американски Држави издадоа итно и сериозно предупредување до своите државјани кои се наоѓаат во Венецуела, повикувајќи ги без одложување да ја напуштат земјата. Апелот беше објавен на официјалната веб-страница на Стејт департментот, во услови на нагло влошена безбедносна состојба.
Предупредувањето доаѓа по минатонеделната американска воена интервенција, по која венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше уапсен и префрлен во Њујорк. Иако дел од меѓународните летови повторно се воспоставуваат, американските власти оценуваат дека ситуацијата на терен останува крајно опасна и непредвидлива.
Според Вашингтон, постои сериозен ризик од дејствување на прорежимски вооружени групи кои, наводно, поставуваат патни блокади низ земјата. На тие контролни точки, како што се наведува, се врши проверка на идентитети, а американски граѓани или лица осомничени за поддршка на САД можат да бидат приведени.
Венецуела и понатаму се наоѓа на ниво 4 – највисокото ниво на предупредување за патување, што значи „не патувај“. Американските институции експлицитно предупредуваат на опасност од произволни апсења, долготрајно притворање без судска постапка, па дури и тортура.
„Безбедноста на американските граѓани повеќе не може да се гарантира“, се наведува во соопштението, со апел сите кои сè уште се наоѓаат во земјата да ги искористат достапните комерцијални опции и што е можно побрзо да ја напуштат Венецуела.
Тензиите во земјата остануваат високи, а меѓународната заедница внимателно ја следи состојбата по драматичните настани што ја потресоа Јужна Америка.
















