ПРВ.мк
Свет

ИСПЛИВА ТЕМНО МИНАТО: Кој е сопственикот на локалот, во кој избувна страшниот пожар?

ИСПЛИВА ТЕМНО МИНАТО: Кој е сопственикот на локалот, во кој избувна страшниот пожар?
Kristal

о страшниот пожар што избувна за новогодишната ноќ во Кран-Монтана и однесе десетици животи, вниманието на јавноста сè повеќе се насочува кон сопствениците на локалот во кој се случи трагедијата. Според информации објавени од повеќе француски медиуми, сопственикот на дискотеката и во минатото имал сериозни судири со законот.

Локалот во кој избувна пожарот е во сопственост на брачниот пар Жак и Џесика Морети. Дискотеката работи од 2015 година, откако тие ја купиле и целосно ја трансформирале во еден од попопуларните ноќни клубови во Кран-Монтана.

Пожарот, во кој загинаа 40 лица, од кои најголемиот дел тинејџери, според првичните сознанија, најверојатно започнал од прскалки или инсталации кои го зафатиле таванот. Огнот се проширил со голема брзина, што дополнително ги засили сомнежите дали објектот ги исполнувал сите пропишани безбедносни стандарди.

Поради сериозноста на последиците, сопствениците се под зголемено внимание на истражните органи. Два дена по трагедијата, Жак и Џесика се огласија во јавноста, тврдејќи дека во нивниот локал немало никакви нерегуларности и дека редовно бил предмет на инспекциски контроли.

„Не можеме ни да спиеме, ни да јадеме“, изјави Жак Морети за локален медиум, додавајќи дека целосно соработуваат со надлежните институции и дека во процесот се вклучени и нивните адвокати.

Додека истрагата за причините за пожарот сè уште трае, во јавноста почнаа да излегуваат информации за минатото на Жак Морети. Францускиот весник La Parisien објави дека пред околу 20 години тој бил осуден и поминал време во затвор во Савоја, Франција, поради случаи поврзани со проституција и киднапирање.

Слични информации објави и белгиското радио RTL, според кое Морети бил инволвиран и во дела како измама и незаконско лишување од слобода. Иако засега тој и неговата сопруга не се уапсени, бидејќи соработуваат со истражните органи, не се исклучува можноста да одговараат доколку се утврди нивна одговорност за трагедијата.

Според достапните информации, против нив се води кривична истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.

Британскиот Daily Mail, пак, објави фотографии од социјалните мрежи на Жак и Џесика, на кои се гледа реновирањето на локалот во 2015 година. На дел од фотографиите, Жак позира со алати во празниот објект, додека на други се гледа подрумот каде што, според истрагата, избувнал пожарот. Посебно внимание привлекуваат фотографиите од поставувањето на изолацијата на таванот, за која се верува дека прва се запалила.

Во едно постаро интервју за локален медиум, Жак Морети изјавил дека речиси целото реновирање го извршил сам и дека работел на локалот околу шест месеци. Тој и неговата сопруга првпат го посетиле Кран-Монтана во 2011 година, а подоцна, воодушевени од гратчето, одлучиле таму да започнат бизнис.

„Речиси сè направив сам. Погледнете ги ѕидовите, тука има 14 тони камен“, изјавил тој тогаш.

Со текот на годините, дискотеката станала исклучително популарна, а брачниот пар подоцна отворил и два ресторана во Кран-Монтана.

За потсетување, пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ. Освен 40-те загинати, над 100 лица се повредени, дел од нив со тешки изгореници, а некои веќе се лекуваат во други држави.

Истрагата сè уште е во тек, додека улиците на Кран-Монтана се исполнети со луѓе кои палат свеќи и им оддаваат почит на жртвите од една од најтешките трагедии што го погодија ова туристичко место.

FixCredit
Escape