Веќе три години трае крвавиот конфликт во Судан, во кој, според проценки на хуманитарни организации, загинале стотици илјади луѓе – и во директни судири и како последица од војната. Особено шокантни се извештаите за насилството извршено од паравоената група Сили за брза поддршка, која се бори против владината армија и нејзините сојузници.
Еден од најстрашните настани се случил во градот Ел Фашир, најголемиот во регионот Дарфур, кој по долга опсада бил заземен, по што следувал масакр врз цивилното население.
Хасаина (45), која успеала да избега заедно со своите четири деца во Уганда, сведочи за ужасите што ги преживеала.
„Со свои очи видов геноцид и го почувствував на своја кожа“, изјавила таа за Deutsche Welle.
Главниот истражител на Обединетите нации, Мохамед Чанде Отман, по неколкумесечна истрага изјавил дека злосторствата „носат елементи на геноцид“. Тој својот извештај го презентирал пред Советот за човекови права во Женева и го доставил до Меѓународен кривичен суд во Хаг.
Неговите заклучоци се темелат на три клучни елементи: масовни убиства, систематско мачење и екстремно сексуално насилство, како и намерно изгладнување на населението преку блокирање на хуманитарна помош и уништување на здравствени установи.
Градот бил под опсада повеќе од 18 месеци. Во тој период, комуникациите биле целосно прекинати – без интернет и телефонски врски. Храна, гориво и основни средства не можеле да влезат, а бегството било практично невозможно.
Во градот се наоѓало и командното седиште на 6-та дивизија на суданската армија, која првично пружала отпор. Но откако биле пресечени сите линии за снабдување, а цивилите прогласени за „непријатели“, одбраната попуштила. По предавањето на војската, околу 250.000 жители останале целосно незаштитени.
Ноќта меѓу 25 и 26 октомври 2025 година била кобна. Градот бил нападнат со артилерија и дронови. Во обид да избега, Хасаина со децата тргнала во паника, додека нејзиниот сопруг останал да помогне на ранет роднина – и тоа бил последниот пат кога го видела.
За време на опсадата, околу градот бил ископан ров долг 30 километри, широк и длабок по четири метри, зад кој бил изграден насип – физичка бариера која ги претворила обидите за бегство во смртоносна стапица.
„Паднав во ровот, затрупана со земја и тела. Кога се освестив, околу мене имаше само мртви“, сведочи таа.
Наместо спас, бегството се претворило во заробеништво. Дури откако роднина од Австралија платил откуп, таа и нејзините деца биле ослободени и по долго патување стигнале во бегалски камп.
Дополнително вознемирувачки е фактот што припадници на RSF сами ги снимале и објавувале злосторствата. По повторното воспоставување на интернет, на нивните канали се појавиле видеа со сцени од нападите, придружени со музика. Се гледале возила како се движат низ градот, ровот и луѓе кои се обидуваат да избегаат – но паѓаат во стапицата.
На едно видео, според повеќе извори, командант познат како Абу Лулу пука во луѓе кои сè уште давале знаци на живот. На друго, снимено во болница, вооружени лица ликвидирале ранети пациенти – дејства кои се квалификуваат како воени злосторства и злосторства против човештвото.
Според податоци на Меѓународна организација за миграција, околу 100.000 луѓе успеале да избегаат, додека останатите биле изложени на насилство. Во бегалските кампови, хуманитарците се соочиле со шокантни сведоштва.
Боб Киќен од International Rescue Committee изјавил дека речиси сите со кои разговарале биле жртви на сексуално насилство, без разлика на возраста.
„Станува збор за исклучително брутални групни силувања, кои очигледно биле користени како средство за казнување“, посочил тој.
Додека светот ретко обрнувал внимание, експерти од Yale School of Public Health преку сателитски снимки ги следеле настаните речиси во реално време. Тие утврдиле дека пред нападот биле уништени полињата и селата околу градот, со цел населението да се изгладни.
Од сателитските анализи биле забележани тела на патиштата и масовни гробници. Според проценките на експертите, најмалку околу 70.000 луѓе се сметаат за убиени или исчезнати.
Иако трагедијата долго време останала во сенка, настаните од октомври конечно предизвикале силни реакции и повици за независна истрага.
За преживеаните, како Хасаина, вината делумно ја носи и меѓународната заедница.
„Светот нè остави сами. Требаше да реагира навреме за да го спречи најлошото – но тоа не се случи“, вели таа.








