Рокерот Ѓорѓе Давид, познат и по своето вистинско име Ѓорѓе Николиќ, повторно се најде во фокусот на јавноста откако отворено проговори за сообраќајната несреќа што се случи во Македонија, во која животот го загуби една жена. Тој категорично тврди дека не е виновен за трагедијата и дека станува збор за несреќен сплет на околности.
Давид, кој поголема популарност стекна како член на жирито во шоуто Ѕвездите на Гранд, вели дека и покрај тоа што понекогаш знае да биде остар во комуникацијата со медиумите, во овој случај сакал јасно да ја раскаже својата страна од приказната.
Тој објаснува дека судскиот процес е завршен и дека е целосно ослободен од обвиненијата. Според него, несреќата се случила во исклучително тешки услови – густа магла и ситуација во која другото возило се нашло на спротивната лента.
„Не убив никого. Тоа беше комбинација од ужасно лоши околности. Жената излезе на спротивната лента и дојде до тешка несреќа во услови кога видливоста беше речиси нула“, објаснува Давид, додавајќи дека сега очекува и обештетување за штетата на неговото возило.
Тој истакнува дека имал и директна средба со сопругот на починатата жена, на кого лично му објаснил што се случило.
„Не сум човек што бега. Му кажав сè – има право да ја знае вистината, а не да слуша разни измислици“, вели рокерот, осврнувајќи се и на негативните коментари на социјалните мрежи, кои, според него, често ја злоупотребуваат туѓата трагедија.
Освен за несреќата, Давид зборуваше и за својот приватен живот, кој самиот го опишува како необичен. Тој има ќерка со својата партнерка Ана, но двајцата не живеат заедно и никогаш не склучиле брак.
„Ана ми е девојка, не сопруга. Немаме потпишано ништо. Не верувам во таа формалност“, објаснува тој, додавајќи дека нивниот однос функционира и покрај различните навики.
Давид открива дека има специфичен начин на живот – на пример, не може да спие без вклучен телевизор и често до рано наутро следи натпревари од НБА. Воедно е и страстен навивач на Црвена Звезда, што, како што вели, дополнително влијае на неговиот секојдневен ритам.
Иако признава дека јавноста често има погрешна слика за него поради неговиот изглед и однесување, Давид тврди дека во суштина е едноставен човек кој сака искрени пријателства.
Посебно ја истакнува својата поврзаност со Македонија, каде, како што вели, има многу блиски луѓе.
Меѓу нив ја спомена и Вера Мештеровиќ, за која вели дека ја доживува како сестра и со која има долгогодишно пријателство.









