Во изминатите шест години во Македонија се регистрирани вкупно 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца, а најзагрижувачки е фактот што меѓу жртвите има и дете на возраст од само 3 години. Овие податоци произлегуваат од извештајот на Народниот правобранител, изработен во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа, која раководи со одделот за правата на децата при Народниот правобранител, на прес-конференција појасни дека анализата се однесува на периодот од 2020 до 2025 година. Таа се базира на податоци добиени од повеќе институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, судовите, обвинителствата, здравствените установи, граѓански организации и Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Во периодот од 2020 до 2024 година биле евидентирани 508 случаи, при што 455 жртви се девојчиња, а 53 се момчиња. Најголемиот дел од овие случаи се однесуваат на тешки кривични дела. Регистрирани се 186 случаи на силување на дете под 15 години, 99 случаи на полов напад и силување, како и 96 случаи на вонбрачен живот со дете.
Во текот на 2025 година биле регистрирани дополнителни 96 случаи на деца жртви на кривични дела против половата слобода и моралот. Од нив, 88 се девојчиња, а 8 момчиња. И во оваа година најчесто дело повторно е силување на дете под 15 години, со вкупно 48 жртви.
Иако девојчињата доминираат во статистиката, податоците покажуваат дека и момчињата се жртви, а се претпоставува дека нивниот број може да биде и поголем поради страв, срам и општествени стигми кои го отежнуваат пријавувањето.
Меѓу другите регистрирани кривични дела се полово вознемирување, кое бележи 30 пријави и е во пораст од 2022 година наваму, како и случаи поврзани со прикажување порнографски материјал, производство и дистрибуција на детска порнографија и родосквернавење.
Повеќе од 57% од жртвите се деца на возраст меѓу 11 и 15 години, додека околу 90% од сите жртви се девојчиња.
Според етничката структура, најголем број од жртвите се Македонци, додека ромските деца се втори по бројност со над 28%, што укажува на поврзаност помеѓу овие случаи и фактори како сиромаштија, социјална исклученост и ограничен пристап до институционална заштита.
Особено алармантен е податокот дека постојат случаи и кај деца помлади од 10 години, вклучително и дете на возраст од 3 години. Ова, според надлежните, бара итно и системско делување, особено во делот на превенцијата и раното препознавање на ризиците.
Најчесто пријавувачи на ваквите случаи се родителите или старателите, како и медицинските установи. Многу поретко пријави доаѓаат од образовните институции и центрите за социјална работа, што отвора прашања за нивната улога во навремено препознавање и спречување на ваквите појави.
Во анализата се наведува дека, и покрај постоењето на законска рамка, системот за заштита на деца жртви не функционира доволно ефикасно. Поддршката не е секогаш навремена, ниту прилагодена на потребите на децата, а принципот на најдобар интерес на детето не се применува доследно.
Дополнително, присутни се стигма, страв и недоверба кај жртвите и нивните семејства, што често доведува до молк и избегнување на соработка со институциите. Ова укажува на потреба од развој на доверливи механизми за пријавување.
Анализата открива и сериозни слабости во институционалното постапување. Иако законски е предвидено детето да биде сослушано само еднаш, во пракса тоа не секогаш се почитува, што доведува до повторно преживување на траумата, односно секундарна виктимизација.
Исто така, недостасуваат соодветни простории за сослушување, специјализиран кадар за работа со деца жртви, како и стандардизирани процедури во полицијата. Здравствените тимови не се доволно специјализирани, а судските постапки знаат да траат и до две години.
Особено загрижува фактот дека механизмите за поддршка и обесштетување речиси не функционираат. Во целиот анализиран период биле поднесени само шест барања за паричен надоместок, но ниту едно не резултирало со реална помош.
Ова укажува дека, иако законите постојат, нивната примена е недоволна, а системот има потреба од суштински промени, подобра координација и пристап кој ќе го стави детето и неговата заштита во центарот на вниманието.






