Сопственикот на барот „Констеласион“ во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана, по денови молк, првпат јавно се огласи по трагедијата во која загинаа и беа повредени десетици лица. Тој тврди дека објектот бил инспектиран повеќепати и дека, според неговите сознанија, работел во согласност со сите пропишани стандарди.
Во изјава за швајцарскиот дневен весник La Tribune de Genève, 49-годишниот Жак Морети изјави дека инспекцијата го прегледала барот трипати во последните десет години. „Сè беше направено според правилата. По сето што се случи, не сум добро“, рекол Морети.
Тој во моментот на трагедијата не бил присутен во барот, но неговата 40-годишна сопруга била таму и претрпела изгореници на раката. Двајцата биле повикани на разговор во рамки на полициската постапка за утврдување на околностите и можната одговорност.
На денешната прес-конференција, швајцарските власти изнесоа дополнителни детали. Државниот советник Стефан Ганзер изјави дека кантоналната противпожарна служба никогаш не добила пријава за дефекти или неправилности во зградата каде што се наоѓал барот.
Сепак, според важечката кантонална уредба за заштита од пожари, изјавата на сопственикот отвора сериозни прашања. Член 8 од уредбата јасно пропишува дека објектите отворени за јавноста или оние со зголемен ризик мора да бидат предмет на инспекција секојa година, а не повремено.
„Општината е одговорна за инспекцијата и таа мора да се спроведува еднаш годишно“, потенцираше Ганзер, додавајќи дека доколку се утврдат недостатоци, тие мора да бидат официјално пријавени до надлежните органи. Според достапните информации, за барот „Констеласион“ во последно време не бил издаден извештај што укажува на неправилности.
Општинските власти, пак, не одговориле на прашањата на медиумите за тоа кога била извршена последната инспекција, со образложение дека административните служби се затворени поради празниците. Градоначалникот ги упатил новинарите да се обратат до полицијата.
Обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу, изјави дека засега не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата. Таа нагласи дека лицата повикани да дадат информации немаат статус на обвинети, но им се гарантирани сите права на одбрана како мерка на претпазливост.
„Во овој момент не можеме да зборуваме за вина. Доколку истрагата покаже дека постои кривична одговорност, ќе биде отворена постапка за предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“, изјави Пилу.
Истрагата продолжува, а јавноста и понатаму чека одговор на клучното прашање: дали трагедијата можела да биде спречена со редовни и навремени контроли.
















