Францускиот климатолог Кристоф Касу предупреди дека прагот од 50 степени Целзиусови би можел да биде достигнат во Европа во наредниот период, нагласувајќи дека веќе не е прашање дали таков сценарио е можно, туку кога ќе се случи.
Касу, кој е директор за истражувања во францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS), изјави за телевизијата BFM дека ризикот од нов топлотен бран во текот на ова лето е висок и дека екстремните горештини ќе стануваат сè поинтензивни.
„Овие топлотни бранови ќе станат посилни, а многу високи температурни прагови ќе бидат надминати“, рече Касу.
Според неговите зборови, достигнувањето на температура од 50 степени Целзиусови би можело да се случи веќе во август.
„Веќе не е прашање ’дали е можно‘, туку ’кога‘. Би можело да биде оваа година, за две години или за 10 години“, изјави францускиот климатолог.
Тој истакна дека, во услови на сè поизразени последици од климатските промени и јавните расправи за топлотните бранови, клучно е општеството да се подготви за вакви екстремни временски настани.
Топлотниот бран кој ја зафати западна и централна Европа носи екстремно високи температури, а е предизвикан од продор на врел воздух од Сахара. Најтешко е погодена Шпанија, каде се забележани повеќе од 200 можни смртни случаи поврзани со големите горештини, додека во повеќе европски земји се соборени температурните рекорди за јуни.
Германија ќе се соочи со врвот на топлотниот бран со прогнозирани температури до 39 степени Целзиусови, додека во одредени делови од земјата во текот на викендот би можело да биде и над 41 степен. Италија поради опасност од екстремни горештини прогласи црвен аларм во 17 градови, а метеоролозите најавуваат понатамошен раст на температурите под влијание на африканскиот антициклон.
Екстремни горештини ја зафатија и Холандија, каде е соборен температурниот рекорд за 24 јуни, додека делови од Велика Британија беа погодени од комбинација на високи температури, тропски ноќи и силно невреме. Метеоролозите предупредуваат дека во одредени делови на Европа температурите би можеле да надминат 40 степени Целзиусови.
Во Романија издадени портокалови и жолти предупредувања поради високите температури
Романската Национална метеоролошка управа издаде нови портокалови и жолти предупредувања поради високи температури и зголемено чувство на голема горештина, кои ќе важат широм земјата до недела наутро.
Првото портокалово предупредување поради многу високи температури ќе биде на сила во областите Кришана, Марамуреш, северен Банат, како и во северна, западна и централна Трансилванија. Во тие подрачја се очекува засилување на топлотниот бран, со температури значително над просекот за овој период од годината.
Очекува се високо ниво на топлотна нелагодност, а индексот на температура и влажност на воздухот (THI) ќе ја надмине критичната вредност од 80 единици. Максималните температури ќе бидат меѓу 33 и 37 степени Целзиусови, со највисоки вредности во Западната рамнина, додека најниските температури главно ќе се движат меѓу 18 i 23 степени.
Второто портокалово предупредување поради горештините ќе опфати делови од Банат, Кришана, Марамуреш и Трансилванија. Топлотниот бран дополнително ќе се засили, а највисоките дневни температури ќе бидат меѓу 32 и 34 степени во јужна и источна Трансилванија, додека во Западната рамнина ќе достигнуваат од 38 до 39 степени. Ноќите ќе бидат тропски, со минимални температури главно меѓу 17 и 22 степени.
Исто така, на сила е и жолто предупредување за подрачјата на Олтенија, Мунтенија, Добруџа, Молдавија, јужен Банат, како и јужна и источна Трансилванија, каде се очекуваат максимални температури меѓу 30 и 34 степени, со изразено чувство на топлотна нелагодност.
РХМЗ предупредува на многу високи температури и во Србија во текот на викендот
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) објави предупредување за подрачјето на Србија за многу високи температури. Топлотниот бран ќе трае во текот на викендот, како и на почетокот на следната седмица.
Максималната прогнозирана температура во повеќето места ќе се движи во интервал од 35 до 39 степени Целзиусови. Под портокалов метеоаларм се Банат, Бачка, Срем, Западна Србија, Шумадија, Поморавје, Источна и Југоисточна Србија, додека останатите делови од земјата се под жолт метеоаларм.
Топлотниот бран на подрачјето на Белград ќе предизвика многу високи дневни температури, но и појава на тропски ноќи. Прогнозираната максимална температура за главниот град ќе биде во интервал од 35 до 39 степени, а минималната од 20 до 25 степени. За викендот и почетокот на следната седмица се очекува претежно сончево и многу топло време.







