ПРВ.мк
Свет

СЗО прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“

СЗО прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“

Светската здравствена организација (СЗО) официјално прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“, откако од 25 мај наваму не е регистриран ниту еден нов случај на инфекција.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека и последното лице кое било под здравствен надзор успешно го завршило карантинот, добило негативен тест и се вратило дома, со што се исполнети сите критериуми за официјално затворање на епидемијата.

За време на епидемијата биле идентификувани и следени повеќе од 650 контакти во околу 30 држави. Потврдени биле вкупно 13 случаи на инфекција, од кои три завршиле со смртен исход.

Изворот на заразата бил луксузниот крузер „Хондиус“, управуван од холандската компанија Oceanwide Expeditions, кој во април испловил од Аргентина. Неколку патници се заразиле со реткиот сој Андис на хантавирусот.

Експертите објаснуваат дека Андис е единствениот познат сој на хантавирус што може, во ограничени услови, да се пренесува од човек на човек. За разлика од него, останатите хантавируси најчесто се пренесуваат преку контакт со глодари или со вдишување честички од нивниот измет.

На бродот во моментот на патувањето имало околу 150 патници и членови на екипажот од 23 земји. По пристигнувањето на шпанскиот остров Тенерифе на 10 мај, сите патници биле вратени во своите матични држави под строги здравствени протоколи.

Од СЗО нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност останува низок и дека нема индикации за опасност од поголема епидемија или нова пандемија.