Поранешниот советник за национална безбедност во администрацијата на Доналд Трамп, Џон Болтон, призна вина за незаконско задржување на доверливи документи, со што заврши дел од судската постапка што се водеше против него.
Болтон првично ги негираше обвиненијата, но пред судот се изјасни за виновен по една точка која се однесува на неправилно чување класифицирани информации. Документите, според обвинителството, содржеле чувствителни податоци поврзани со националната безбедност на САД.
Како дел од постигнатата спогодба, тој се согласи да плати парична казна од 2,25 милиони долари, да ги предаде сите доверливи материјали што незаконски ги поседувал и да изврши 100 часа општествено корисна работа. Изрекувањето на пресудата е закажано за крајот на октомври.
Во судницата Болтон призна дека ги извршил делата за кои се товари и изрази жалење за своите постапки.
Случајот произлегува од истрагата што беше отворена по објавувањето на неговите мемоари во 2020 година, кога американските власти се посомневаа дека во книгата и во други материјали биле откриени класифицирани информации. Обвинителството, исто така, тврдеше дека доверливи податоци биле споделени и со членови на неговото семејство.
Болтон беше советник на Трамп до 2019 година, а по заминувањето од Белата куќа стана еден од неговите најгласни критичари.







