Германските здравствени власти издадоа итно предупредување до потрошувачите да не консумираат одредени видови колбаси од производителот „Fleischwaren Wulff“, откако при лабораториски анализи била откриена опасната бактерија EHEC (STEC).
Контаминираните производи биле продавани и во продавниците на трговскиот синџир Rewe, а повлекувањето е спроведено поради ризик од сериозни здравствени последици.
Според германската платформа за предупредувања за небезбедна храна, во примероците е откриена ешерихија коли што произведува шига-токсин (EHEC). Овој вид бактерија може да предизвика силни стомачни грчеви, дијареја, повраќање, а во потешки случаи и крвава дијареја.
Кај децата, постарите лица и лицата со ослабен имунитет инфекцијата може да доведе до сериозни компликации, вклучувајќи акутно откажување на бубрезите, кое бара итен болнички третман.
Повлекувањето опфаќа повеќе видови сурови и сувомесни производи од конкретни производни серии, кои биле дистрибуирани во повеќе германски покраини, меѓу кои Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија, Хесен, Баварија, Баден-Виртемберг, Хамбург и Берлин.
Надлежните институции ги повикуваат граѓаните кои ги купиле производите од засегнатите серии да не ги консумираат, туку да ги вратат во продавницата од каде што биле купени.







