ПРВ.мк
Свет

ЕУ воведува нови еколошки правила: Домашната метална индустрија на удар! Еве ги деталите

ЕУ воведува нови еколошки правила: Домашната метална индустрија на удар! Еве ги деталите

Новите еколошки регулативи на Европската унија, кои ќе стапат на сила од први јануари, ќе имаат значително влијание врз металната индустрија во земјава. Овие правила се фокусираат на ограничување на користењето на фосилни горива во индустриското производство, што ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика потреба од прилагодување на компаниите.

Засега не е познат точниот обем на последиците, но индустриските претставници истакнуваат дека компаниите со години се подготвуваат за оваа обврска. Промените ќе бараат сериозен премин кон обновливи извори на енергија и намалување на производството на електрична енергија од јаглен.

Марта Наумовска Грнарова од Асоцијацијата на метална и електро индустрија објаснува: „Цената на производите ќе биде оптоварена, ова се дискутира веќе неколку години и компаниите се подготвуваат за тоа. Може да очекуваме дека ефектите ќе бидат домино ефект, комплексни, но можни се поддржувачки зелени кредити. Сепак, удари ќе има, како и со секоја значајна промена. Компаниите долгорочно се подготвуваат како да се справат со овие предизвици.“

Европската унија, почнувајќи од новата година, ќе воведе и такса за сите производи произведени со помош на фосилни горива кои се извезуваат во земјите членки. Ова особено ќе ги погоди компаниите од металната индустрија кои се извозно ориентирани. Додека владите од регионот се обидуваат да добијат одложување на овие правила, изгледа дека официјален Брисел нема да направи компромис. Како резултат, македонските производи произведени со струја од јаглен ќе се соочат со повисоки царини, што ќе ја намали нивната конкурентност на европскиот пазар.

За потсетување, во 2024 година над 50% од електричната енергија во земјава беше произведена од обновливи извори – сонце, ветер и вода. Дури и некои држави од ЕУ кои сè уште користат фосилни горива се соочуваат со пенали за загадување на животната средина поради користењето на јаглен.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape