Германец кој освоил милионска добивка на лото побарал наградата да се исплати во целосна тајност – и тоа од причина што во моментот бил во процес на развод и не сакал неговата сопруга да дознае дека станал милионер.
Верена Обер, претставничка на германската лотарија „Лото Бајерн“, која со години ги известува добитниците дека станале милионери, ја открила оваа неверојатна приказна за германските медиуми. Таа вели дека мажот, штом ја слушнал на линија, веднаш ѝ рекол: „Ве молам, не праќајте честитка на мојата адреса. Не сакам сопругата да дознае – во развод сме!“
Обер раскажува дека работата ѝ е полна со човечки драми и емоции – некои добитници плачат, некои се шокирани, а некои, како овој маж, веднаш размислуваат како да ја сокријат среќата.
Таа открива и други потресни приказни – мали бизнисмени спасени од банкрот, пензионери кои не можеле да поверуваат во добивката и жена која освоила 48,5 милиони евра со броеви што некогаш ѝ ги избирал покојниот сопруг.
Но Верена предупредува: „Откако ќе им кажете на другите дека сте добиле – нема враќање назад. Љубопитноста и зависта можат да ви го уништат мирот.“















