Според најновите податоци од германските технички служби, минатата година речиси секој трет автомобил што бил подложен на технички преглед имал утврдена некаква неисправност. Забележано е зголемување од 3,2 проценти на возила со сериозни дефекти во однос на претходната година, што укажува на загрижувачки тренд за безбедноста на патиштата.
Од вкупно 22 милиони проверени автомобили, 144.074 возила имале опасни недостатоци, при што некои од нив веднаш биле исклучени од сообраќај. Само 65,1% од возилата поминале технички преглед без забелешки, што е мал пад во споредба со 2023 година.
Возила кои морале итно да се сервисираат
Околу 4,6 милиони возила имале значајни дефекти кои морале итно да се отстранат пред да се дозволи повторна проверка. Дополнително, на 11.700 возила им било забрането самостојно движење поради опасност за безбедноста. Помали проблеми биле откриени кај околу два милиона возила, додека 14,4 милиони возила биле во исправна состојба.
Староста на автомобилите – клучниот фактор
Главната причина за зголемениот број технички неисправни возила е староста на возниот парк во Германија. Германците во последните години купуваат сè помалку нови автомобили, а просечната возраст на возилата постојано расте. Новите автомобили имаат значително подобра техничка состојба – 90% од возилата стари до три години поминуваат преглед без забелешки. Кај возила стари осум до девет години, овој процент паѓа на 71%, додека помалку од половина автомобили постари од 10 години поминуваат без недостатоци.
Најчести технички проблеми: светла, кочници и гуми
Во сите категории возила – автомобили, мотори, камиони и приколки – германските технички служби извршиле 31 милион прегледи и откриле повеќе од 25,5 милиони недостатоци, во многу случаи повеќе кај едно возило.
Најчестите проблеми се:
- Осветлување и електричен систем – 6,6 милиони случаи
- Кочници – 4,6 милиони случаи
- Осовини, тркала, гуми и амортизација – 4,3 милиони случаи
Експертите предупредуваат дека овој тренд може да продолжи, бидејќи високите цени на новите автомобили и одржувањето на старите го одложуваат нивното заменување. Долгорочно, ова може значително да ја загрози безбедноста во сообраќајот.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк














