Под влијание на циклонска активност со центар западно и северозападно од Македонија, продолжува периодот на многу променливо време. Температурите се над просекот за овој период од годината поради силното јужно и југозападно струење на висина, што условува прилив на топол воздух од југозапад кон земјата.
Ќе имаме повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во понеделник и вторник (27 и 28 октомври), а локално ќе се појават и грмежи.
Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен и југозападен правец, со брзина до околу 80 км/час. Во Скопје и околината пообилни врнежи се очекуваат во понеделник и вторник, а ветерот ќе биде засилен до силен.
Температурите до 27 октомври ќе бидат натпросечно високи, додека позначително заладување и продор на ладен воздух од север се очекува од вторник (28 октомври). На планините дождот ќе премине во снег.
Поради очекуваниот силен ветер, граѓаните се советуваат да ги заштитат своите автомобили и да не ги паркираат во близина на стари или осамени дрвја.















