ПРВ.мк
Свет

ЕСКАЛАЦИЈА ВО ГАЗА: Напади во близина на болница и уништени залихи со медицинска помош - ова е бројот на жртви!

ЕСКАЛАЦИЈА ВО ГАЗА: Напади во близина на болница и уништени залихи со медицинска помош - ова е бројот на жртви!

Израелската војска денеска убила двајца Палестинци во Појасот Газа, а во одделен напад биле уништени два магацини со лекови и медицинска опрема во близина на болница, соопштија палестинските здравствени власти.

Според Министерството за здравство на Газа, двајцата Палестинци биле убиени во воздушен напад врз населбата Шеик Радван во градот Газа. Израелската армија соопшти дека цел биле лица поврзани со Хамас, но не објави дополнителни детали.

Во текот на ноќта, израелски воздушен напад ги погодил магацините што ги користела болницата „Маченици Ал Акса“ во Деир ал Балах, каде што биле складирани медицински материјали. Според палестинските власти, во објектите имало лекови, опрема за пациенти со бубрежни заболувања, материјали за дијализа, како и средства за преврски и редовни медицински третмани.

Израелската војска засега не дала изјава во врска со нападот врз магацините.

Палестинката Фатима Шараб, која е раселена и престојувала во камп во близина на погодените објекти, изјавила дека голем број пациенти и лица кои бараат медицинска помош биле сместени во тој реон поради близината до болницата.

„Кога се вративме, кампот повеќе не постоеше“, изјавила таа.

Нападите се случуваат во период на дипломатски напори поврзани со можен договор меѓу САД и Хамас, кој предвидува разоружување на палестинската организација, формирање нова политичка структура во Газа, прекин на израелските воени операции и постепено повлекување на израелските сили.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху досега јавно не се изјаснил за предлогот, додека министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир го оцени како неприфатлив.