Најмалку осум затвореници се убиени, а уште десет се повредени во немири што избувнале во два затвора во Еквадор, во Кито и Латакунга, соопшти Националната служба за сеопфатна грижа за лицата лишени од слобода.
Четири лица го загубиле животот во затворот Ел Инка, кој се наоѓа во северниот дел на главниот град Кито. Според првичните информации, таму бил извршен вооружен напад врз затвореници поврзани со криминална банда.
Жртвите имале повреди предизвикани од огнено оружје и убоди. Други четворица затвореници биле убиени во судирите што избувнале во одделенијата со минимално и средно ниво на безбедност во притворниот центар Котопакси, во градот Латакунга.
По избувнувањето на насилството, биле активирани полициски и воени единици. Административниот персонал бил евакуиран, а посетите на членовите на семејствата биле прекинати сè додека властите повторно не воспоставиле контрола врз затворите.
Националната служба соопштила дека се идентификувани осомничените за планирање и извршување на нападите. Според најавата, тие ќе бидат префрлени во затворот Ел Енкуентро, установа со максимално ниво на безбедност во покраината Санта Елена.
Немирите избувнале само три дена откако владата ја започнала првата фаза од Националниот план за класификација на затворениците. Планот предвидува преместување на 9.214 затвореници во шест затвори низ земјата, меѓу кои и Котопакси.
Целта на владината мерка е да се разбиваат раководните структури на организираните криминални групи што дејствуваат во затворскиот систем.
Локалните власти сметаат дека насилството може да биде поврзано со одмазда или со обиди на криминалните групи да се спротивстават на владините мерки. Полицијата и војската и натаму се распоредени во и околу погодените затвори со цел да се спречат нови инциденти.






