Страшно невреме, проследено со обилни дождови и громови, го погоди Дубаи во четврток. Јакото невреме предизвика голема материјална штета, а бројни улици беа целосно поплавени.
Според локалните медиуми, невремето во Дубаи донесе поплави во некои области, нарушувања во сообраќајот и задоцнувања во јавниот превоз.
Иако сцените на улиците во четврток изгледаа апокалиптично, жителите и туристите сепак имаа единствен поглед на панорамата на Дубаи, со драматични слики на громови кои преплавија социјалните мрежи.
Познати обележја како Бурџ Калифа, Бурџ ел Араб, Атлантис, Палмата и часовник кулата во Деира беа фотографирани со натприродно темно небо низ кое се пробиваа молњи.
Дубаи Медиа Канцеларијата објави неколку фотографии од најпознатите места во градот на своите официјални канали на социјалните медиуми.
За време на невремето, жителите и туристите беа повикани да ги следат безбедносните совети. Властите апелираа да се избегнуваат долини, поплавливи подрачја и места каде може да се собира дождовница.
„Избегнувајте планински подрачја. Избегнувајте одење на море. Бидете внимателни при возење и намалете ја брзината. Следете ги официјалните канали и владините органи за точни информации и навремени ажурирања“, стои, меѓу другото, во предупредувањата на властите.



















