Американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи рокот за можна воена акција врз Иран до 6 април, давајќи дополнителни десет дена во обид да се отвори простор за дипломатско решение во услови на сериозна криза што веќе влијае врз глобалната економија.
Преку платформата Truth Social, Трамп објави дека привремено ги става во мирување заканите за напад, иако претходно најави значително пократок, петдневен рок. Во исто време, тој предупреди дека доколку не се постигне договор, ќе следи уште посилен притисок.
„Разговорите се во тек и одат многу добро“, напиша Трамп, но не откри со кого точно се водат тие разговори.
Од друга страна, Техеран целосно ги негира ваквите тврдења, нагласувајќи дека нема директни контакти со Вашингтон. Дополнително, ситуацијата се комплицира со спротивставени информации околу евентуална пауза – Трамп тврди дека Иран побарал седум дена, додека дел од медиумите, повикувајќи се на посредници, го демантираат тоа.
Тензиите дополнително се засилија по пораките од Иран дека ќе возврати со напади врз енергетската инфраструктура во Персискиот Залив, додека Трамп возврати со остри изјави дека САД ќе станат „најлош кошмар“ доколку неговите барања не бидат исполнети.
Во меѓувреме, на маса се разгледуваат различни сценарија, вклучително и симболични потези како дозвола за премин на танкери, но и многу порадикални опции поврзани со контрола врз иранската нафта.
Според информации на иранската агенција Тасним, Иран веќе мобилизирал повеќе од еден милион борци, подготвувајќи се за можен копнен конфликт со САД. Ова доаѓа во време кога се зголемуваат шпекулациите за потенцијална воена операција, особено околу стратешкиот Ормускиот теснец.
Конфликтот, кој започна на 28 февруари, веќе има сериозни последици. Илјадници луѓе ги загубија животите, а економските ефекти се чувствуваат глобално – цените на нафтата пораснаа за околу 40 проценти, додека цените на азотните ѓубрива се зголемија за дури 50 проценти.
Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петина од светската нафта, моментално е делумно блокиран и претставува една од најризичните точки во светот. Иран веќе го ограничува извозот, што дополнително ја влошува глобалната енергетска состојба.
Ситуацијата останува крајно неизвесна, а следните десет дена би можеле да бидат клучни за тоа дали ќе дојде до смирување или до нова, уште поопасна ескалација.



















