Криумчарите сè почесто ја користат белгиската обала за транспорт на мигранти кон Велика Британија, откако беа заострени контролите долж француското крајбрежје, соопшти белгиската полиција.
Од почетокот на годинава се регистрирани 17 вакви тргнувања, во споредба со најмногу две годишно од 2021 година наваму, изјави портпаролката на белгиската федерална полиција, Ан Бергер.
Портпаролот на агенцијата на Европската Унија за гранична заштита – Frontex, Крис Боровски, изјави дека има повеќе причини за пренасочување на рутите преку Белгија, но клучниот фактор е „засиленото патролирање на француските крајбрежја“.
Според него, криумчарите користат таканаречени „такси-чамци“, кои тргнуваат од плажите во Белгија со мала група мигранти, а потоа се движат долж брегот за да преземат уште луѓе пред да го преминат Ла Манш кон Велика Британија.
Сепак, бројот на мигранти што се криумчарат преку Белгија и натаму е релативно мал во споредба со главната рута Франција – Велика Британија, каде минатата година биле откриени околу 41.500 лица кои го преминале Ла Манш со мали чамци.
Според податоците на Миграциската опсерваторија при Универзитетот во Оксфорд, во првите два месеци од оваа година околу 2.200 илегални мигранти ја преминале британската граница.










