Европските авиокомпании и аеродроми побараа од Европската комисија привремено да го суспендира новиот систем за биометриска контрола на границите, предупредувајќи дека долгите чекања веќе создаваат сериозни проблеми во воздушниот сообраќај.
Во заедничко писмо испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставниците на воздухопловниот сектор посочуваат дека патниците на некои аеродроми чекаат и до пет часа за гранична проверка, поради што дел од нив не успеваат навреме да стигнат до своите летови.
Поради ваквата состојба, авиокомпаниите во одредени случаи биле принудени да ги затворат излезните порти додека патниците сè уште чекале во редици, па некои авиони полетале со голем број празни седишта. Имало и случаи кога летовите доцнеле чекајќи ги патниците, но и ситуации во кои тие останале на аеродромот.
Трите најголеми европски воздухопловни организации – ACI Europe, Airlines for Europe и IATA – предлагаат во текот на јули и август аеродромите да добијат можност привремено да ги прекинат новите биометриски проверки кога бројот на патници ќе ги надмине капацитетите на граничните служби.
Новиот систем постепено се применува од минатата година и се однесува на државјани кои не се членки на Европската Унија. При влез во ЕУ тие треба да ги регистрираат отпечатоците од прстите и фотографија за биометриска идентификација.
Неколку земји веќе презедоа привремени мерки за да го избегнат летниот метеж. Грција ги суспендираше биометриските проверки за британските патници до септември, Франција привремено ги намали дополнителните проверки во пристаништето Довер, а и Италија размислува за сличен потег.
Претставниците на авиоиндустријата предупредуваат дека долгите чекања може да ги одвратат туристите од патување во Европа и да имаат негативно влијание врз туризмот, авионскиот сообраќај и угледот на Европската Унија. Според нив, можноста за привремена суспензија на новите проверки треба да остане на сила сè додека системот не стане поефикасен, а граничните служби не добијат доволно персонал.










