Франција го потврди првиот случај на ебола, откако вирусот бил дијагностициран кај лекар кој се вратил од хуманитарна мисија во Демократска Република Конго.
Француското Министерство за здравство соопшти дека пациентот веднаш бил сместен во специјализирана здравствена установа и дека неговата состојба засега е стабилна.
Според властите, ризикот за поширокото население е многу низок, а во тек е идентификација на сите лица кои биле во контакт со заболениот лекар.
Во Демократска Република Конго минатиот месец беше прогласена епидемија на ебола. Досега се регистрирани повеќе од 1.000 заразени лица, а над 260 починале од последиците на вирусот.
Светската здравствена организација предупредува дека актуелната епидемија е предизвикана од видот Bundibugyo, за кој во моментов не постои одобрена вакцина. Дополнителен проблем претставува и конфликтот во источниот дел на Конго, кој ја отежнува контролата на ширењето на болеста.
Француските власти соопштија дека веќе е воспоставен посебен систем за следење на хуманитарните работници кои се враќаат од погодените подрачја.








