ПРВ.мк
Свет

Украина го прошири дострелот на нападите – аларми во речиси половина Русија

Украина го прошири дострелот на нападите – аларми во речиси половина Русија

Украина значително го зголемила опсегот на своите ракетни напади врз Русија, при што предупредувања за ракетна опасност годинава биле активирани во региони каде што живее повеќе од 70 проценти од руското население, покажува анализа на „Блумберг“.

За разлика од почетокот на војната, кога нападите главно беа насочени кон пограничните области, сега украинските удари се изведуваат и стотици, па дури и илјадници километри во внатрешноста на Русија. Во последните денови ракетни тревоги биле прогласени во повеќе региони околу Москва, во Поволжјето, Северен Кавказ, па дури и во Западен Сибир и на Урал.

Според украинските власти, земјата сè повеќе се потпира на домашно произведени крстосувачки ракети со долг дострел, меѓу кои е и новиот модел „Фламинго“, кој, како што тврди Киев, може да погодува цели на растојание поголемо од 1.500 километри.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со овие напади се гаѓаат воени и индустриски објекти со цел да се ослабат руските воени капацитети. Меѓу погодените цели, според украинските информации, се наоѓаат рафинерии за нафта и фабрики што произведуваат компоненти за ракети.

Воени аналитичари оценуваат дека Украина комбинира масовни напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети, со што се обидува да ја преоптовари руската противвоздушна одбрана и полесно да погоди стратешки цели.

Од друга страна, Кремљ засега не објавува детали за бројот на пресретнати ракети. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Москва и понатаму ја задржува предноста во далекудосежните напади и порача дека руските одмазднички удари ќе продолжат со несмален интензитет.