Американскиот стратешки бомбардер B-1 Lancer пристигна во Велика Британија, во момент кога растат тензиите на Блискиот Исток и се споменува можност за нови напади врз Иран.
Авионот слета во воздухопловната база RAF Fairford во Глостершир. Според западните медиуми, пристигнувањето доаѓа по одобрувањето од британскиот премиер Keir Starmer, кој дозволил американски сили да користат британски бази за потенцијални одбранбени операции.
Бомбардерот B-1 Lancer, познат и како „The Bone“, е еден од најмоќните авиони на американските воздухопловни сили. Тој е долг околу 44,5 метри, има распон на крилјата од 41,8 метри и тежи околу 86 тони. Може да достигне брзина поголема од 1.450 km/h и да носи дури 34 тони оружје, вклучувајќи до 24 крстосувачки ракети.
Авионот е опремен со напредни радарски и GPS системи за таргетирање, како и електронски системи за попречување и избегнување на непријателски радари.
Овој тип на бомбардер веќе бил користен во воени операции во Сирија, Либија, Авганистан и Ирак, а со него управува екипаж од четири лица.
Во меѓувреме, најавени се и протести пред базата RAF Fairford, каде активисти ќе го изразат своето противење на можноста американските бомбардери да се користат од британска територија за нови напади во регионот.


















