Царинските службеници на Меѓународен аеродром Скопје открија 150 илјади британски фунти кај патник кој не ги пријавил согласно законските обврски.
Како што информира Царинска управа на Северна Македонија, при контрола на патник – странски државјанин кој патувал кон Лондон – биле пронајдени непријавени девизи.
Согласно Закон за девизно работење, на патникот му биле вратени девизи во противвредност од 10 илјади евра, додека преостанатите 141.315 британски фунти се привремено задржани.
Од Царинската управа соопштуваат дека против лицето е поднесена соодветна прекршочна пријава.
„Континуирано спроведуваме активности насочени кон откривање и спречување на нелегалниот прекуграничен пренос на готовина, со што директно придонесуваме во борбата против финансискиот криминал“, велат од Царинската управа.
Информацијата ја објави МИА.


















