По долгогодишните проблеми со паркирањето во скопскиот Клинички центар Клинички центар „Мајка Тереза“, денеска беше потпишан договор со кој Град Скопје ќе го преземе управувањето со паркиралиштата во комплексот.
Договорот го потпишаа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и министерот за здравство Азир Алиу, а тој ќе важи 15 години. Според договореното, Град Скопје ќе плаќа закупнина од 10 проценти од вкупниот промет.
Во првата фаза од проектот е планирана изградба на два современи монтажни катни паркинга со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат пуштени во употреба до втората половина на следната година.
Паркинзите ќе се градат на две локации во комплексот – кај Клиниката за гинекологија, од левата страна на главниот влез, како и на просторот кај малата црква, односно кај хелиодромот.
Според најавите, пациентите ќе можат да ги користат новите паркинзи по истите цени како досега, а ќе има и повластени услови.
По ребалансот на буџетот што треба да се одржи следната недела, ќе биде распишан тендер за проектирање и изградба на катните гаражи. Операторот што ќе биде избран ќе треба да го изработи проектот и да ја реализира изградбата во рок договорен со Министерството за здравство.
Во рамки на проектот се планира и нов систем за евиденција и наплата на паркирањето, кој треба да овозможи подобра контрола на слободните места и полесен пристап за пациентите и посетителите на Клиничкиот центар.


















