Научниците алармираат дека микропластиката веќе не е само проблем на океаните – таа е во секоја чинија што ја ставате пред себе. Истражувањата покажуваат дека најголеми количини микропластика се пронајдени во морските плодови, особено во школките, раковите и некои видови риба, каде што овие честички се акумулираат директно од загадените океани. Луѓето кои редовно јадат морски плодови можат годишно да внесат илјадници честички микропластика.
Но, морските плодови не се единствените виновници. Во морската сол се откриени високи концентрации, особено во природните, необработени видови. Индустриската обработка на млечни производи, високо преработено месо и бебешка храна во кесички дополнително го зголемува ризикот, бидејќи пластиката може да се ослободи при контакт или загревање. Дури и најлонските чај кесички се изненадувачки „полнети“ со микропластика – една шолја чај може да содржи милијарди честички!
Други изненадувачки извори се пивото, медот и алгите, каде честичките потекнуваат од околината или од процесот на производство. Научниците сè уште ги истражуваат долгосрочните ефекти од овие честички врз човечкото здравје, но веќе се знае дека микропластиката може да предизвика воспалителни процеси и нарушувања во метаболизмот.
Експертите препорачуваат свежа, минимално обработена храна и избегнување директен контакт со пластика при подготовка. Родителите и училиштата имаат клучна улога во формирањето здрави навики, но сè повеќе научници повикуваат на системски мерки за ограничување на микропластиката во храната.
Микропластиката е навистина „невидливата закана“ што секојдневно ја внесуваме во телото – а дали знаете колку сте ја внесле вчера?


















