ПРВ.мк
Свет

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ЈАПОНИЈА! Повредени лица, запрен железнички сообраќај – вакво нешто не е забележано од 1924 година

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ЈАПОНИЈА! Повредени лица, запрен железнички сообраќај – вакво нешто не е забележано од 1924 година

Силен земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтер ја потресе Јапонија, предизвикувајќи повреди кај најмалку 10 лица и сериозни нарушувања во сообраќајот и инфраструктурата.

Потресот се случил во близина на планината Фуџи, околу 22:28 часот по локално време, а бил почувствуван во централните и источните делови на земјата, вклучувајќи го и поширокото подрачје на Токио. Во делови од префектурата Јаманаши е регистриран интензитет од шест степен според јапонската сеизмичка скала, што претставува едно од посилните локални тресења.

Јапонските власти соопштија дека ваков интензитет во оваа област не е забележан уште од 1924 година, што дополнително ја нагласува сериозноста на настанот. Сепак, беше истакнато дека земјотресот не е поврзан со вулканска активност на Фуџи.

Поради потресот, привремено беше прекинат сообраќајот на брзата железничка линија Токаидо Шинкансен меѓу Токио и Шизуока. Околу 22.000 патници биле засегнати од прекинот, но услугите биле обновени во раните утрински часови.

Според властите, повредените лица имаат полесни повреди, а засега нема информации за поголема материјална штета. Земјотресот повторно ја потсети Јапонија на високата сеизмичка активност во регионот, каде ваквите појави се чести, но ретко со ваков интензитет.

Во исто време, Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар регистрираше и друг земјотрес во Пакистан со јачина од 5,4 степени, но без пријавени штети или повредени.