Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја изрази својата подготвеност да соработува со администрацијата на Доналд Трамп на нов мировен план, објави „Аксиос“, повикувајќи се на информирани извори. За време на средбата со секретарот на американската армија, Даниел Дрискол, страните се договориле да го подготват документот „во краток временски рок“.
Канцеларијата на Зеленски истакна дека претседателот ги потенцирал „фундаменталните принципи што се важни за народот на Украина“, а страните се согласиле заеднички да развијат одредбите од планот „на начин што ќе доведе до достоинствен крај на војната“. Украина ја поддржува идејата на Трамп за прекин на крвопролевањето и е подготвена да соработува со САД, Европа и други партнери за постигнување мир, се вели во соопштението на „Телеграм“.
Претходниот обид за средба на Зеленски со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, пропадна, бидејќи американската страна сметала дека Киев не покажал сериозна подготвеност. Сепак, во разговорот со Дрискол Зеленски ја покажал својата попопустлива позиција и се договорил да се обидат да работат заедно на мирот.
Американската администрација на 19 и 20 ноември ги уверила Украина и европските сојузници дека планот е „жив документ“ кој ги зема предвид нивните ставови. Според Виткоф, планот претставува „систем на идеи“ што ги вклучува украинските и руските позиции и нуди можности за компромис.
Документот изработен од Виткоф и рускиот пратеник Кирил Дмитриев, предлага префрлање на Донбас под руска контрола, забрана за странски мировници во Украина, амнестија за воени злосторства, укинување на санкциите против Русија и нејзино враќање во глобалната економија.
Дополнително, Украина би требало да ги отстрани упатувањата за членство во НАТО од Уставот, да го намали големината на вооружените сили и да се откаже од одредено западно оружје. Москва се обврзува да не напаѓа Украина или европските земји и да ги вгради овие гаранции во законодавството, а делови од регионите Запорожје и Херсон можат да ѝ се отстапат на Русија.
Според извори на Блумберг, предложениот план бил обид на Москва да спречи воведување санкции против „Лукоил“ и „Роснефт“ на 21 ноември. Киев и европските престолнини го доживеале предлогот како „шок“, а аналитичарите предупредуваат дека неизвесната политичка позиција на Зеленски може да ја ограничува неговата способност да биде поволен кон Москва.
















