ПРВ.мк
Свет

Пентагон објави 40 нови НЛО-досиеја: Воен пилот тврди дека видел нешто невидено досега

Пентагон објави 40 нови НЛО-досиеја: Воен пилот тврди дека видел нешто невидено досега

Американскиот Пентагон објави нов пакет документи поврзани со неидентификувани летачки феномени (НЛО), со што јавноста доби пристап до уште 40 материјали кои содржат извештаи, видеа, фотографии и аудио-снимки.

Новообјавената архива опфаќа 14 документи, 19 видеа, четири аудио-записи и три фотографии, а материјалите потекнуваат од повеќе американски институции, меѓу кои Пентагон, НАСА, ЦИА, ФБИ и Министерството за енергетика.

Еден од најинтересните извештаи е сведоштвото на воен пилот кој навел дека забележал летечки објект што, според неговите зборови, бил „поинаков од сè што видел во текот на 28 години служба“.

Во документите се наоѓа и извештај за мистериозен објект кој во 2015 година бил забележан над нуклеарниот комплекс Пантекс во американската држава Тексас. Двајца безбедносни службеници се обиделе да го следат, но изјавиле дека објектот не испуштал никаков звук и не можеле да забележат каков било погонски систем.

Објавените видеа прикажуваат необјаснети појави снимени со воени инфрацрвени камери над различни делови од светот, меѓу кои Атлантскиот Океан, западниот Пацифик, Жолтото и Источнокинеското Море, како и Блискиот Исток.

Во архивата се вклучени и историски документи, меѓу кои записник од научна конференција од 1949 година во Лос Аламос, каде врвни научници дискутирале за мистериозните „зелени огнени топки“ забележани над нуклеарната лабораторија, без да успеат да дадат конечно објаснување за нивното потекло.