Најмалку 75 пожарникари се повредени од почетокот на катастрофалниот шумски пожар што беснее во францускиот регион Жиронд, соопштија регионалните власти.
Од повредените, десетмина биле евакуирани на дополнително лекување, но засега нема загинати меѓу припадниците на противпожарните и спасувачките служби.
Пожарот избувнал во средата во близина на Саумос, а во текот на ноќта повторно се разгорел со голем интензитет. Огнената стихија станала непредвидлива и брзо се ширела, иако кон утринските часови ситуацијата делумно се стабилизирала.
Надлежните информираат дека денешните временски услови се поповолни, што им овозможува на екипите повторно да ги засилат активностите на терен и да им помогнат на евакуираните жители.
Од почетокот на пожарот, како превентивна мерка, евакуирани се речиси 220.000 лица од 23 општини, а само во текот на последната ноќ своите домови ги напуштиле околу 55.000 жители.
Огнот досега уништил околу 42.000 хектари површина, а најмалку 240 куќи се целосно изгорени.
Во борбата со пожарот се ангажирани 2.500 пожарникари, 1.500 војници и 18 летала. Францускиот воен транспортен авион A400M повторно ќе биде вклучен во акциите за гаснење, додека поради опасната ситуација делумно е затворен и автопатот A63.









