Германија подготвува нова пензиска реформа со која милиони мајки ќе добијат повисоки пензии. Според новите правила, за секое дете родено пред 1992 година ќе се признава дополнителен пензиски стаж, што ќе донесе околу 21 евро повеќе месечно по дете.
Реформата, позната како „Mütterrente III“, ја укинува досегашната разлика во пресметката на пензискиот стаж меѓу децата родени пред и по 1992 година.
Досега, за децата родени пред 1992 година се признаваа 2,5 години пензиски стаж, додека за оние родени подоцна се признаваа три години. Со новите измени, и за постарите генерации ќе се признаваат дополнителни шест месеци стаж.
Според пресметките, со очекуваната вредност на пензискиот бод од јули 2026 година, тоа ќе значи околу 21 евро бруто повеќе месечно за секое дете, а зголемувањето ќе биде трајно.
На пример, мајка со три деца родени пред 1992 година би добивала околу 64 евра повеќе месечно, односно повеќе од 760 евра годишно.
Новите правила треба да стапат во сила од 1 јануари 2027 година, додека исплатите се очекува да започнат во текот на 2028 година, со ретроактивна исплата за периодот од 2027 година.
Од германските пензиски власти најавуваат дека за најголем дел од пензионерите зголемувањето ќе се пресметува автоматски, без потреба од поднесување дополнителни барања.
Реформата ќе донесе значително подобрување на приходите за голем број мајки, но истовремено ќе значи и дополнителни милијарди евра трошоци за германскиот пензиски систем.









