Пет лица се ранети во вооружен напад на југот од окупираниот Западен Брег, од кои две се во критична состојба. Израелската војска соопшти дека нејзините војници убиле двајца палестински вооружени осомничени, кои, според воените информации, се обидувале да избегаат од местото на нападот.
По пукањето, израелските власти наредиле засилени безбедносни мерки, блокирање на Хеброн и подготовка за можноста целосно да се затворат премините кон палестинските територии.
ДВАЈЦА ОСОМНИЧЕНИ УБИЕНИ ПРИ ОБИД ЗА БЕГСТВО

Според информациите објавени од израелската војска, двајцата осомничени биле вооружени со пушка М16 и пиштол. Тие биле убиени додека се обидувале да избегаат од местото на нападот.
Началникот на Генералштабот на израелската војска, Ејал Замир, изјавил дека брзата реакција на војниците спречила нападот да има уште посериозни последици.
Според неговите наводи, во возилото со кое пристигнале осомничените била пронајдена голема количина муниција, за која се верува дека можела да биде наменета за изведување напад од поголеми размери.
Снимките од местото на настанот, според медиумските извештаи, прикажуваат продолжена размена на оган меѓу вооружените лица и израелските војници.
ХЕБРОН ПОД БЛОКАДА, СЕ РАЗГЛЕДУВААТ И ПОСТРОГИ МЕРКИ
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштила дека на безбедносните сили им било наредено да го блокираат Хеброн и да бидат подготвени за целосно затворање на палестинските територии.

Израелската војска соопштила дека веќе вовела блокади на патиштата и затворила неколку палестински градови во областа, меѓу кои и Хеброн.
Замир наредил и да се подготват можни дополнителни распоредувања на војници под надлежност на Централната команда.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се наведува дека мерките би можеле да опфатат и затворање на сите премини кон палестинската територија.
НЕТАНЈАХУ НАЈАВИ ПОТЕРA ПО НАПАЃАЧИТЕ
„Ќе ги гониме терористите на Хамас и оние што ги испраќаат“, изјавил Нетанјаху.
Сепак, засега не е потврдено дали двајцата убиени осомничени биле членови на Хамас или имале врска со оваа организација.
Во нападот биле ранети пет лица. Според медиумските информации, две од нив се во критична состојба, додека останатите три се здобиле со полесни до умерено тешки повреди.
Безбедносните сили продолжуваат со мерките на терен, додека околностите на нападот и можните врски на осомничените со други лица се предмет на понатамошно утврдување.








