Десет возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
Според информациите од полицијата, шестмина од возачите управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за А.Д. (18), Ш.О. (39) и Љ.Џ. (22), сите од Скопје, З.Б. (33) од Битола, С.И. (34) од Прилеп, како и 17-годишник од Кичево, кој претходно учествувал во сообраќајна несреќа.
Полицијата лишила од слобода и И.С. (32) од селото Елово, општина Студеничани, кој управувал возило и покрај тоа што имал активна забрана за управување.
Уште тројца возачи биле затекнати како возат под дејство на алкохол. Тоа се А.К. (48) од Битола, како и П.П. (24) од виничкото село Лески и М.В. (29) од Кочани, кои претходно учествувале во сообраќајни несреќи.
Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, упатен е апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана или под дејство на алкохол.
„Да придонесеме заеднички за побезбеден сообраќај“, порачуваат од полицијата.







