ПРВ.мк
Свет

ХАКЕРИ ДОШЛЕ ДО ПОДАТОЦИ ЗА БАНКАРСКИ СМЕТКИ: Нападната компанија за електронски плаќања, известени надлежните институции!

ХАКЕРИ ДОШЛЕ ДО ПОДАТОЦИ ЗА БАНКАРСКИ СМЕТКИ: Нападната компанија за електронски плаќања, известени надлежните институции!

Сериозен кибернетички напад е регистриран во Хрватска, откако хакери успеале неовластено да пристапат до дел од системот на компанијата „CorvusPay“, која се занимава со интернет-наплата и обработка на електронски плаќања.

Од компанијата го потврдиле инцидентот, наведувајќи дека биле преземени одредени кориснички и финансиски податоци.

Според информациите што ги објави хрватскиот „Дневник“, меѓу украдените информации се електронски адреси, броеви на банкарски сметки (IBAN) и детали за извршени трансакции.

Неовластениот пристап бил откриен на 17 ноември 2026 година, по што компанијата започнала со утврдување на обемот на нападот.

Од „CorvusPay“ објасниле дека нападот зафатил ограничен дел од системот, поврзан со услуги преку кои се обработуваат приближно 20 трансакции дневно.

Меѓу преземените информации се наоѓаат називите на трговците, описите на плаќањата, износите, валутите и датумите на трансакциите.

Од компанијата нагласуваат дека броевите на платежните картички и податоците потребни за авторизација на плаќањата не биле украдени.

Поради тоа, според нивното соопштение, само со преземените податоци не е можно директно да се наплатуваат средства од банкарските сметки на корисниците.

За инцидентот биле известени сите надлежни државни институции во Хрватска.

Иако компанијата посочува дека нападот бил ограничен на помал дел од нејзината инфраструктура, случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста на личните и финансиските информации при електронските плаќања.

Засега не е соопштен точниот број на засегнати корисници, ниту кој стои зад хакерскиот напад.