ПРВ.мк
Свет

АЛАРМОТ ВКЛУЧЕН: Расте бројот на случаи на сексуално насилство!

АЛАРМОТ ВКЛУЧЕН: Расте бројот на случаи на сексуално насилство!

Во Европска Унија е забележан значителен пораст на пријавените случаи на сексуално насилство, додека европските институции истовремено водат расправа за воведување единствена правна дефиниција за силување заснована на согласност.

Според најновите податоци на Евростат, полицијата во 2024 година регистрирала повеќе од 256.000 кривични дела поврзани со сексуално насилство низ ЕУ. Од нив, околу 38% се класифицирани како силување.

Во споредба со 2023 година, бројот на пријавени случаи на сексуално насилство пораснал за околу 5%, додека случаите на силување се зголемиле за 7%, што укажува на континуиран нагорен тренд.

Најголем број пријавени случаи се забележани во Франција, Германија и Шведска, додека најмал број е евидентиран во Кипар, Малта и Литванија.

Експертите, сепак, предупредуваат дека зголемувањето на бројките не мора да значи и реален пораст на насилството, туку може да биде резултат на поголема свест кај жртвите и подобрени механизми за пријавување и регистрирање на случаите.

Податоците доаѓаат во период кога Европскиот парламент ја поддржа идејата за заедничка дефиниција за силување врз основа на согласност, позната како принцип „да значи да“. Овој пристап подразбира дека секој сексуален чин без јасна и слободно дадена согласност се смета за силување.

Пратениците нагласуваат дека согласноста мора да се разгледува во поширок контекст, вклучувајќи ситуации на присила, злоупотреба на моќ, заплашување или ранливост на жртвата. Тие исто така повикуваат на посилна заштита и подобра поддршка за жртвите низ целата Унија.

Иако во 2024 година беа усвоени првите минимални стандарди за борба против насилството врз жените, предлогот за унифицирана дефиниција за силување претходно беше блокиран поради несогласувања меѓу земјите-членки.

Долгорочните податоци покажуваат уште поостар тренд: од 2014 до 2024 година, бројот на кривични дела поврзани со сексуално насилство пораснал за 94%, додека случаите на силување се зголемиле за дури 150%.

Во меѓувреме, законодавството останува различно меѓу земјите-членки, иако повеќето се водат според принципите на Истанбулска конвенција на Советот на Европа, која поставува стандарди за превенција и борба против насилството врз жените.