Холандија подготвува воведување данок на шеќер со кој би можеле да поскапат голем број безалкохолни пијалаци, овошни сокови, енергетски пијалаци, како и одредени видови безалкохолно и нискоалкохолно пиво. Владата очекува мерката да донесе значителни приходи во буџетот, но и да ги поттикне граѓаните кон поздрави животни навики.
Според најавите, новиот данок ќе се однесува на производите кои содржат повеќе од шест проценти шеќер. Доколку биде усвоен, литарско шише газиран пијалак би можело да поскапи за околу 25 центи, додека кај дел од останатите производи поскапувањето би достигнало и до едно евро по пакување.
Холандските власти проценуваат дека со оваа мерка годишно би се обезбедиле околу 900 милиони евра приходи. Покрај финансискиот ефект, целта е да се намали потрошувачката на производи со висока содржина на шеќер и да се поттикнат поздрави навики во исхраната.
Сепак, експертите предупредуваат дека спроведувањето на ваков данок нема да биде едноставно. Потребно е прецизно да се утврди кои производи ќе бидат опфатени, а кои ќе бидат изземени од новите правила.
Во меѓувреме, Здружението на супермаркети во Холандија предупреди дека цените на храната следната година би можеле дополнително да пораснат, не само поради данокот на шеќер, туку и поради зголемените трошоци за транспорт, енергија и други владини мерки.
Планот сè уште не е конечно усвоен, а во наредниот период се очекуваат дополнителни анализи и политички одлуки пред мерката евентуално да стапи во сила.









