ПРВ.мк
Свет

Зеленски со итно предупредување: ЧУВАЈТЕ СЕ! - Русија подготвува нов масовен напад

Зеленски со итно предупредување: ЧУВАЈТЕ СЕ! - Русија подготвува нов масовен напад

Украинскиот претседател Володимир Зеленски излезе со итно предупредување до граѓаните, наведувајќи дека руските сили, според украинските разузнавачки информации, подготвуваат нов масовен напад врз повеќе региони во земјата.

Тој апелираше населението да биде крајно внимателно и да ги следи сите упатства поврзани со воздушните тревоги, особено во текот на ноќта и во наредните денови.

„Руските сили се подготвуваат за нов масовен удар. Ве молам бидете внимателни и заштитете се. И покрај сите реални можности за дипломатско решение, војната не запира. Потребно е Москва да направи избор во насока на мирот и преговорите“, порача Зеленски.

Според неговите информации, само во текот на денот врз различни украински региони биле лансирани повеќе од 200 јуришни дронови. Дел од нив биле соборени од противвоздушната одбрана, но и покрај тоа се регистрирани погодоци и жртви.

Нападите, како што наведува, ги зафатиле повеќе области, меѓу кои Запорожје, Донецк, Суми, Харков и Дњепропетровск, каде локалните власти пријавиле штети и зголемена активност на воздушната одбрана.

Зеленски предупреди дека постои ризик од уште поинтензивни напади во наредните часови и денови, поради што ги повика граѓаните строго да се придржуваат до безбедносните мерки и навремено да се засолнуваат при секоја воздушна тревога.

Во своето обраќање, украинскиот претседател повторно ја истакна и подготвеноста на Киев за директни преговори со Москва, вклучително и можност за лична средба со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека дипломатското решение сè уште е отворена опција.